
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот објави дека Соединетите држави ќе почнат да нудат „златни карти“ во вредност од пет милиони долари на странци кои сакаат да се преселат во САД и да отворат работни места.
„Богатите луѓе ќе дојдат во оваа земја со купување на оваа картичка. Ќе бидат богати, ќе бидат успешни, ќе потрошат многу пари, ќе плаќат многу даноци и ќе вработат многу луѓе“, изјави американскиот претседател за новинарите во Белата куќа.
„Тоа е некако како зелената карта“ за постојан престој во Соединетите држави, „но на повисоко ниво на софистицираност“, рече Трамп, додавајќи дека „златната карта“ ќе им овозможи на нејзините иматели пристап „кон државјанство“ на долг рок.
Руските олигарси, од кои повеќето се под санкции на САД по руската инвазија на Украина, потенцијално ќе можат да аплицираат за програмата.
„Познавам некои руски олигарси кои се многу добри луѓе“, рече Трамп. „Можно е“ тие да се подобни за програмата, додаде тој.
Трамп рече дека новата програма за имиграција би можела да почне да функционира за околу две недели.
„Златните карти“ ќе ја заменат имиграциската програма „ЕВ-5“, која им овозможи на странските инвеститори со големи суми пари да отворат работни места во САД и да добијат постојан престој во земјата.
Американскиот министер за трговија Хауард Лутник рече дека постоечката програма е склона кон измама и е „начин да се добие зелена карта по ниска цена“.