Унгарија се противи на новиот европски пакет помош за Украина

Унгарија се противи на новиот пакет помош од 20 милијарди евра на Европската унија за Украина, објави во четвртокот унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на платформата Х.

Иницијативата на шефицата на европската надворешна политика Каја Калас е насочена кон зајакнување на позицијата на Киев во преговорите, наместо да се стави крај на војната, посочува шефот на унгарската дипломатија.

„Нема да го поддржиме трошењето на парите на европските даночни обврзници за продолжување на војната“, нагласи Сијарто.

Унгарија, исто така, нема да го поддржи продолжувањето на санкциите на ЕУ за руски и белоруски поединци, додаде.

Надворешната служба на ЕУ претходно презентираше предлог за дополнителна воена помош за Украина во износ од 6 милијарди евра.

Се наведува дека парите ќе бидат наменети за испорака на 1,5 милиони артилериски гранати за 3,5 милијарди евра, дополнителни 500 милиони евра за системи за противвоздушна одбрана и две милијарди евра за опремување и обука на две украински борбени бригади.

Предлогот ќе биде разгледан на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник во Брисел, иако не е јасно кои земји-членки ќе го поддржат и дали може да се спроведе.