
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со вицепремиерот Изет Меџити и министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла, денесka на граничниот премин „Блаце“ извршија увид во финализирањето на инсталацијата на техничките системи и компоненти за наскоро да може да почне тест периодот на системот „One Stop Shop“ којшто треба да овозможи побрз премин на граѓани кои патуваат помеѓу Македонија и Косово.
-Констатиравме дека сета опрема од технички аспект којашто треба да се имплементира и инсталира е во фаза на инсталација и започнуваме со подготовки на вмрежување на двата системи. Имавме можност да видиме како ќе функционира технички, во рамки на една единствена платформа. Информациите ќе се споделуваат меѓу двете министерства со цел да овозможиме со констатација на само еден полициски службеник косовските граѓани да влезат во Македонија и македонските граѓани да влезат во Косово преку контрола од еден полициски службеник. Секоја држава го штити својот влез. Со овозможување на мали градежни зафати кои ќе овозможат проширување на влезовите кон Македонија, ќе создадеме соодветни услови и влезот кон Косово од моменталните три кабини да овозможиме шест позиции, потенцираше министерот Тошковски.
Тој образложи дека во имплементирањето на системот „One Stop Shop“ за побрз пропуст на патници и стоки најдалеку во имплементирање е стигнато со Косово, а во блиска иднина ќе следуваат и имплементации со Република Србија и Република Албанија.