
Серија предупредувачки штрајкови започнаа на најголемите германски аеродроми во понеделникот, кои треба да кулминираат со дводневен штрајк во важниот воздухопловен центар во Минхен во четврток и петок.
„Во понеделникот вработените во јавните служби на аеродромите во Келн/Бон и Дизелдорф престанаа со работа“, објави синдикатот на вработените во јавниот сервис Verdi.
Според информациите од кровното здружение на германските аеродроми ADV, со штрајкот се погодени околу 48.000 патници, а околу 400 летови биле откажани.
Се очекува дека дводневниот штрајк во четврток и петок во Минхен може да има поголемо влијание поради важноста на аеродромот за меѓународниот транзитен сообраќај.
Синдикатот Verdi сака да го зголеми притисокот врз работодавачите во колективните преговори. Синдикатите бараат зголемување на платите за осум отсто и дополнително олеснување преку вработување на нови кадри.
„Зголемувањето на обемот на работа и хроничниот недостиг на персонал се огромен товар за вработените“, рече претставничката на Verdi, Мануела Диец.
Штрајковите на аеродромите се продолжение на акциите на вработените во јавните служби кои доведоа до суспензија на јавниот превоз во голем број германски градови минатата седмица, вклучувајќи го и Берлин, каде вработените во метрото штрајкуваа минатиот четврток и петок.