1.400 евакуирани поради пожар во Шпанија

Избувна голем пожар во Шпанија, поточно во регионот Естремадура, поради кој евакуирани се 1.400 лица.

Во девет часот утринава по локално време огнот се уште не беше совладан, а интеревенцијата на пожарникарите беше отежната од силните налети на ветрот. Авионите за гаснење на пожарот интервенираа во текот на утрото, пренесува, Фена.

Жариштето на пожарот  се појави во четврток околу пладне во оваа комуна во планинската област.

Спасувачите евакуираа 1.400 жители кои беа под закана од пожарот, како и еден камп. Црвениот крст ја презеде грижата за 700 луѓе.

Министерството за земјоделство предупреди дека денеска е зголемен ризикот од пожар во Шпанија. Шумските пожари од почетокот на годината во Шпанија уништија повеќе од 54 илјади хектари земјиште,што е повеќе од двојно во последните две години, пренесува МИА.

Минатата недела пожари во Калифорнија

Пожарникарите вложуваат огромни напори да ја вратат контролата врз разбеснетите пожари во Калифорнија.

Неколкудневните пожари во Калифорнија ги зафатија и прескокнаа автопатот што служеше како брана пред големиот пламен на еден од 20-те шумски пожари.

Уништени повеќе од 20 куќи

Беснеат пожари во Калифорнија
Беснеат пожари во Калифорнија

Малку посвежото време им помогна на пожарникарите да изградат тампон зона меѓу огнот и илјадниците домови, што беа загрозени од пожарот што се проби низ засушениот честер, во округот Лејк, во кој со години наназад немало пожар.

Таму во текот на денот дувна ветар со променлив правец што го разнесе врелиот жар северно од автопатот и предизвика неколку нови пожари од  неговата друга страна, северно од градот Клирлејк.

Во изминатите неколку дена се уништени повеќе од 20 куќи, а од огнот се загроени повеќе од 13.000 лица, пренесува Танјуг.

Ветровите ја отежнуваат ситуацијата

Најголемиот пожар во сушната Калифорнија за време на викендот се прошири на три пати поголема територија, на речиси 97 квадратни километри, создавајќи при тоа сопствени ветрови што го шират пламенот и големите површини со ниско стеблеста шума и честар ги претвораат во неплодна земја.

Огнот гори на подрачјето на Ловер Лејк, на околу 100 километри од Сан Франциско и на 10 километри од Клир Лејк, што е најголемото слатководно езеро во Калифорнија и популарно место за наутичарите и камперите.

Пожарникарите велат дека куќите околу езерото не се загрозени.

Евакуираните жители биле вџашени од брзината со која пламенот се ширел, пренесува МИА.

 

Големи шумски пожари ја зафатија Клифорнија и во месец септември минатата година.