
По вчерашниот насилен протест за случајот „Монструм“, од МВР информираат дека вкупно 11 полициски службеници се повредени. Првично беа пријавени седумина, а потоа уште четворица, а за среќа сите се со полесни повреди.
Во полициска станица пак беа приведени осум демонстранти, на кои ќе им биде поднесена кривична пријава за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.
Поради безбедносни проценки демонстрантите биле запрени на Бит Пазар.
Нападнати беа и новинарски екипи.
Протестот беше организиран поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекување доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.
Кај Смилковското езеро беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.