12 македонски државјани и еден странец, криумчареле луксузни возила и фалсификувале исправи

Министерството за внатреши работи поднесе кривична пријава против 13 лица, меѓу кои двајца поранешни вработени во Министерството и еден актуелен полициски службеник. Пријавата е против 12 лица македонски државјани и 1 странец, за 45 кривични дела поврзани со криумчарење луксузни возила како и фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба

Полицијата истакна дека оваа акција е дел од поширока истрага за криминални активности со луксузни возила и изрази уверување дека дополнителни детали ќе бидат објавени во текот на наредните денови.

Инаку, полицијата со поддршка од повеќе оддели низ државата, успешно спроведе акција против организиран криминал поврзан со луксузни моторни возила. Шест лица се приведени, а по уште четворица се трага, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

„На 29 декември 2024 година, врз основа на издадени наредби од судија за претходна постапка и јавен обвинител, спроведени се 10 претреси на различни локации. Седум од претресите биле во Скопје, а по еден во Дојран, Неготино и Битола. Во акцијата учествувале полициски службеници од СВР Скопје, ЕВР Ѓорче Петров, како и од Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување и СВР Битола“, велат од МВР.

Приведените лица се идентификувани како К.С., Н.П., М.С. и Д.И. од Скопје, В.Ц. од Стар Дојран и Н.Г. од Битола. Полицијата работи на пронаоѓање на уште четворица осомничени: И.А., Д.М. и Ф.С. од Скопје и А.Т. од Неготино.

При претресите се пронајдени и одземени четири луксузни возила, околу 32.500 евра во готовина, разновидна службена документација, купопродажни договори, пет германски регистарски таблички, 25 грама кокаин, лаптопи и мемориски уреди.