Четиринаесет авганистански војници утринава се убиени од „пријателски оган“ на американските военновоздухопловни сили во авганистанската провинција Логар, јужно од главниот град Кабул, каде се активни талибанците, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на локалните власти.
-Во 6 часот утринава, по локално време, два американски хеликоптера нападнале контролен пункт на авганистанската армија, изјави Мохамад Рахим Амин, прв човек на округот Бараки Барак, каде се одиграла оваа најнова трагедија.
„Контролниот пункт се запалил и бил целосно уништен. Загинале 14 авганистански војници“, дополни тој.
Портпаролот на провинциските власти Дин Мохамед Дарвиш ја потврди несреќата.
Талибанците напаѓале во округот Бараки Барак, но зоната во која се случил нападот од воздух не е „сомнителна“, појасни Мохамад Рахим Амин и кажа дека авганистанското знаме се виорело над пунктот кога американските хеликоптери го нападнале.
Овој „пријателски оган“ потсети на сличниот инцидент од март 2014 година во истата провинција Логар, когаш петмина авганистански војници беа убиени, а осуммина ранети во пукањето врз нив мултинационалните сили на НАТО.