14 години од загинувањето на 10-те војници кај Карпалак

14 години од загинувањето на 10-те војници кај Карпалак

Во месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје, денеска се одбележа 14-годишнината од загинувањето на 10-те припадници на АРМ од Прилеп кога во 2001 година тука беше нападнат армискиот конвој.

Венци цвеќе на Карпалак положија делегација на Владата предводена од министерот за одбрана Зоран Јолевски, од МО и ГШ на чело со началникот на ГШ на АРМ генерал-полковник Горанчо Котески, од Кабинетот на Претседателот на државата, семејства на загинатите, општина Прилеп, повеќе здруженија на бранители, партиски делегации на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и други граѓани и здруженија, пренесува МИА.

Министерот Јолевски истакна дека денеска им се оддава почит на бранителите што ги дале своите животи за Македонија.

Пред 14 години конвојот на АРМ беше кукавички нападнат и тогаш загинаа 10 патриоти за слободата на Македонија
Пред 14 години конвојот на АРМ беше кукавички нападнат и тогаш загинаа 10 патриоти за слободата на Македонија

Пред 14 години конвојот на АРМ тука беше кукавички од заседа нападнат и тогаш загинаа 10 патриоти за слободата на Македонија. Владата, Министерството за одбрана и АРМ остануваат посветени на заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет. Ние како институција постојано сме во контакт со семејствата на овие бранители за да видиме кои се можностите за да им помагаме, изјави министерот Јолевски.

Марин Најдов од Одборот на бранители кои беа организатори на денешното чествување истакна дека на спомен – плочата на Карпалак со крв се врежани имињата на оние кои храбро и непоколебливо застанаа очи в очи со оние кои се обидоа да нанесат зло на Република Македонија.

Карпалак е сега симбол на загубата на 10-тина верни синови и јунаци на Македонија. Покажаа дека името, презимето, националноста и верата не го чинат човекот туку почитта и лојалноста кон своето, кон нашето заедничко заедничко незаменливо тло. Илинденците 903 се бореле за создавање на македонска држава, Илинденците 1944 година се избориле и формирале македонска држава, додека бранителите во 2001-та се изборија да ги зачуваат границите на суверена и независна Република Македонија. Сите тие заедно извојуваа победа, изјави Најдов.

Ацо Јовановски-Реган, возач на изгорениот автобус од конвојот истакна дека 14 години прилепчани со огромно достоинство и почит се сеќаваат на 10-тината свои загинати сограѓани како и на сите оние жртви од конфликтот во 2001-та година што ги даде Македонија.

По повод годишнината од загинувањето на припадниците на АРМ од Прилеп помен парастос на Карпалак отслужи протојереј ставрофор Дарко Наумовски од Тетовско архиерејското наместништво на МПЦ-ОА.

На 8 август 2001 година кај Карпалак загинаа воените резервисти Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.