Тренерот на Парма, Роберто Донадони е разочаран од однесувањето на играчите, тренерите и челниците на Наполи по ремито на “Енио Тардини”.
Иако од поодамна е на пат за Серија Б, Парма одигра неколку одлични дуели во последниот месец, победувајќи ги Јувентус и Удинезе а ремизираше и со Интер.
“Млекарите”, на кои освен елиминацијата од Серија А проблем им преставува и банкротот, играше нерешено со претендентот за пласман во ЛШ.
По крајот на натпреварот напаѓачот на Наполи, Гонзало Игуаин жестоко го навредуваше голманот на Парма, Антонио Миранте.
“Бев блиску и слушнав што зборуваа. Да се каже дека требало да загубиме затоа што сме банкротирале и веќе испаднале е одвратно и срамно. И не беше само Игуаин, туку уште неколку играчи за време на дуелот. А кога такво нешто ќе слушнете и од директорот тогаш е трагично” – истакна Донадони.
Наполи се наоѓа на четвртата позиција во Серија А со 60 бода, четири помалку од Рома и три од Лацио, кои се наоѓаат на втората односно третата позиција во “калчото”. До крајот на сезоната преостануваат уште три кола.