14ти состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и ЕУ

 

 

14-тиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и Европската Унија (КСА) се одржа на 29 јуни 2017 година во Брисел. Со Комитетот ко-претседаваа г-ѓа Џеновева Руиз Калавера, Директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската Комисија и Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија  задолжен за европски прашања. Министерот за правда Билен Саљији и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски исто така учествуваа.

Комитетот за стабилизација и асоцијација ја констатираше состојбата во однос на политичките и економските критериуми, усогласувањето со европското законодавство(acquis) како и имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Европската комисија ја поздрави намерата на Владата да ја динамизира  реформската агенда за ЕУ и да обезбеди соодветна консултација со граѓанското општество и други заинтересирани страни.  Европската комисија повика на имплементација на обврските од Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети и изрази подготвеност да помогне во напорите на сите страни во овој поглед.

Владата го изрази своето задоволство за поддршката на Европската комисија за најважните краткорочни реформски приоритети кои треба да се имплементираат и исто така покажа подготвеност и целосна обврска за реализација на реформите на транспарентен, инклузивен и кохерентен начин, како и понатамошно зајакнување на меѓуетничките односи, меѓу другото, преку целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор.

Владата ги изрази своите очекувања, штом се исполнат условите, за идни конкретни чекори на Европската комисија како и на земјите членки, кои ќе претставуваат позитивен сигнал и силен поттик за евроинтегративниот процес во земјата.

Двете страни се согласија дека треба да се направат видливи резултати во важните области како што се судската независност, утврдување одговорност за прислушувањата, почитувањето на фундаменталните права, слободата на медиумите и реформата на јавната администрација. За прашањата на системското владеење на правото, Европската комисија се осврна на препораките на високите експерти за владеење на правото, кои повторно ќе ја посетат земјата во јули 2017 година.

Европската комисија ја истакна важноста на постигнување напредок во усогласувањето со законодавството на ЕУ, особено во однос на внатрешниот пазар, како и потребата да се исполнат други меѓународни обврски, на пример, за енергетска и транспортна поврзаност.  Владата ја истакна важноста на претстојниот Самит во Трст, вклучувајќи го и потпишувањето на Договорот за транспортна заедница и поддршката за регионалната економска зона и инфраструктурните проекти.

Страните очекуваат да ги продолжат дискусиите за постигнатиот напредок во овие клучни области во текот на Советот за стабилизација и асоцијација на 18 јули 2017 година.