Објавени резултатите од конкурсот за студентски стипендии

Министерството за образование и наука ги објави резултатите од Конкурсот за студентски стипендии за 2013/2014 кои првпат се доделуваат според правила утврдени во новиот Закон за студентски стандард, донесен минатата година.

До 16-ти јануари, кој што беше краен рок, пристигнале 5.387 апликации, од кои успешни биле 4.694 или 87 отсто, што е за речиси 13 отсто повеќе од 2012/2013.

Министерот Спиро Ристовски е задоволен од најголемиот одѕив досега и од тоа што новото законско решение и новиот правилник со критериуми и процедури за распределба на стипендиите го дале очекуваниот ефект.

„Најважно е што многу се зголеми свеста кај апликантите дека системот тешко може да се изигра преку лажно прикажување податоци и имотно-материјална состојба или, пак, за просечниот постигнат успех“, истакна Ристовски.

Конкурсот обезбеди вкупно 2905 стипении. Доделени се сите предвидени во трите категории, освен кај стипендиите за информатика од кои има уште 21 и за нив ќе има реобјава на конкурсот.

Поради несогласување на податоците во електронската пријава и во доставените документи, неуспешни биле 693 апликации. Откако ќе ги добијат решенијата на домашна адреса, одбиените студенти ќе имаат право на жалба до комисијата на МОН.