16.000 волонтери и 450 училишта во најмасовната акција за пролетно чистење

Продолжува стратешкото партнерство помеѓу Мен Енд Маунтен, Пивара Скопје и Пакомак, поддржано од Шпаркасе Банка и Нула Отпад, Министерството за животна средина и просторно планирање и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во третата по ред еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД.

Акцијата годинава се спроведува во 53 општини и во 450 училишта низ земјата, со повеќе од 16.000 волонтери.

Во рамки на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2023, од 12 до 14 мај, ќе биде собран отпадот од локациите мапирани од страна на секоја општина засебно.

Волонтерите од Пивара Скопје, заедно со останатите партнери и заинтересирани граѓани, во петок, на 12 мај, ќе го собираат отпадот на локација во атарот на селото Јажинце под општина Јегуновце, во подножјето на Шар Планина.

За собраниот отпад во текот на акцијата ќе се погрижат локалните комунални претпријатија, Пакомак и Нула Отпад, со соодветна селекција и рециклирање, а на сите локации ќе има и тимови од Црвен Крст кои ќе се погрижат за безбедноста на волонтерите.

Оваа година новина е можноста за споделување на атмосферата од ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД што ќе оди со пренос во живо во Фејсбук групата на следниот ЛИНК.