Јавното обвинителство достави барање за определување мерка притвор за 16-годишно момче од Скопје, кај кое на 10 ноември годинава била пронајдена дрога, но и 200 грама тринитротолуен, експлозивна материја која на граѓаните им е забранета.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје достави барање за поведување подготвителна постапка со предлог за определување мерка притвор спрема дете на возраст од 16 години за кое постои основано сомнение дека ги сторило кривичните дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1, како и Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи согласно член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. На 10 ноември, во гаража на улицата ’Бојмија‘ во Скопје, заедно со уште две полнолетни лица за кои веќе се води постапка, осомниченото дете држело 149 таблети психотропна супстанција – 3,4 метилен диометамфетамин (МДМА), стимуланс на ценатралниот нервен систем. Во стан на улицата Венјамин Манчуковски, пак, кај осомничениот била пронајдена дигитална вага со остатоци од дрога и психотропна супстанција, но и експлозивна материја која на граѓаните им е забранета – околу 200 грама тринитротолуен“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Проценувајќи дека доколку му биде дозволено да се брани од слобода осомничениот би можел да се даде во бегство, јавниот обвинител на Судот му предложил да определи притвор за детето во судир со законот.