ВМРО-ДПМНЕ: Се е променливо, само загадувањето во главата на СДСМ не е

Се е променливо, само загадувањето во главата на СДСМ и местоположбата на Скопје не се менливи – иако ова второто е технички возможно, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ за загадениот воздух.

Ви го пренесуваме интегрално соопштението од ВМРО-ДПМНЕ:

Добро е што од сите теми кои ќе ги отвори и на кои како одговор на евтините лаги и бесрамни манипулации ќе добие факти, СДСМ како пијан за плот упорно се држи за загадувањето на воздухот.

СДСМ потроши стотици милиони евра кредити кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ги отплаќа и ден денес, па не успеа да купи ниту мерна станица за мерење на степенот на загадување на воздухот.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1 април 2014 година.

Оваа влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација – согласно своите капацитети кои евидентно ги располага и ден денес.

Градоначалникот Трајановски прави проект за велосипедски патеки во должина од 50 километри. Се набавија електрични возила и мотоцикли. Се формираше комитет за здравје и животна средина. Се заменија котлите за греење на гас во Клинички центар и други здравствени домови и во поголем број училишта.

Во моментов се реализира проект за осовременување на лабораторијата за воздух и Министерството за здравство набави уште две мобилни мерни станици. Акредитирана е и лабораторијата на универзитетот во Штип која ја мери и концентрацијата на ПМ честичките.

Се распиша тендер за набавка на резервните делови на станиците. Се изработи и стратегија за животна средина и здравје со акциски план која е поддржана од Светската Здравствена Организација.

Повторно на ивица на здравиот разум се теориите на СДСМ според кои ВМРО-ДПМНЕ сака граѓаните да дишат нечист воздух, бидејќи членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ веројатно дишат некој друг воздух. Надвор од умот.

Вакви теории може да развива само некој кој навистина дише поразличен воздух од другите, со соодветни адитиви кои ги стимулираат ваквите халуцинации.

СДСМ има уште 154 дена за да конструира вакви теории на кои им се смеат и малите деца. Потоа, доаѓа луфтирањето на главата на СДСМ. Доаѓа хемиското чистење на политиката од ваквите штетни политики на СДСМ. Народот гледа. Народот ќе ги казни.