ФОТО: Независна Македонија – за неа ние се бориме, за неа ние умираме

Пишува Д-р. Филип Петровски, Директор на Државниот архив на Република Македонија.

Истражувајќи во Државниот архив на Република Македонија, најдов еден интересен документ. Можеби тој им е познат на историчарите, но мислам дека би било добро и јавноста да се запознае со него.

filip-dokument-1

Еве го преводот на основниот текст:

Циркуларно писмо

До г.г. кметови и раководители на полициски станици

гр. Битола

Многумина од членовите на Организацијата „Илинден“ носат значки со две лица, на едната страна е напишано „Илинден“, а на другата „Независна Македонија – за неа ние се бориме, за неа ние умираме“.

Тие значки се стари, од пред војната, но нивното носење внесува смут кај населението од регионот.

Во врска со тоа, повикајте го претседателот на Организацијата „Илинден“ во вашиот град и известете го него дека Централната управа на истата во Софија им наредила на соодветни организации да бидат снабдени со нови значки без натписот „Независна Македонија“ и бара сите стари значки да бидат собрани и испратени во Софија за да бидат заменети.

Околиски полициски началник: [потпис] Атанас Ј. Пеев

filip-dokument-2

Документот поттикнува да бидат продискутирани повеќе прашања.

Јас лично би сакал да се задржам на едно  – на прашањето за самата парола „Независна Македонија“.

Како што е познато, паролата „Независна Македонија“ ја замени паролата „Автономија на Македонија“ по Првата светска војна. Тогаш таа беше прифатена од сите субјекти на македонското ослободително движење.

filip-dokument-3

Но, најголемата заслуга за ширењето на паролата „Независна Македонија“ и нејзиното прифаќање како конечна цел на македонското движење ѝ припаѓа на ВМРО на Тодор Александров. Така и Илинденската организација, според тврдењата на Георги Баждаров, кој по Првата светска војна бил член на Задграничното претставништво на ВМРО, се појавила „со благослов“ на тогашниот ЦК на ВМРО (Т. Александров, А. Протогеров, П. Чаулев).
filip-dokument-4Силата и авторитетот на ВМРО на Т. Александров наложиле паролата „Независна Македонија“ да биде преземена од Коминтерната со цел да ја привлече Организацијата на својата страна. Еден од најспособните разузнавачи, Борис Шпак, по средбата со Т. Александров во декември 1923 год., заклучил: „Најзначајниот политички фактор на Балканот е ВМРО, чие освојување е мошне корисно за ВМРО, не само од причини од воен карактер туку и од политички“.

Властите на Бугарија, плашејќи се од ВМРО, му поставиле на Т. Александров ултиматум да престане со четничка дејност и да ја замени паролата „Независна Македонија“со барања за заштита на националните малцинства.

Т. Александров немал намера да се предаде, немал намера да се откаже од главната цел на својата борба „Независна Македонија“ („Независна Македонија“за неа ние се бориме, за неа ние умираме) и затоа платил со својата глава (сите индикатори укажуваат дека нарачател на убиството на Т. Александров биле бугарските власти).

Со оглед на тоа, се прашувам дали ВМРО на Т. Александров не заслужува да го заземе своето заслужено место во македонската историја?