Мрежа тајни подземни тунели изградени од страна на припадниците на Исламска држава се откриени под градот Синџар во Ирак.
Станува збор за околу 40 подземни тунели во кои се наоѓале простории за спиење, електрична енергија, вреќи со песок, американска опрема за производство на бомби, лекови, како и копии од Куранот, пренесе „Дејли мејл“.
Тунелите ги откриле припадници на курдските сили кои на почетокот на ноември го ослободија овој северозападен ирачки град од припадниците на ИД, откако тој повеќе од една година беше под контрола на сунитските екстремисти.
Командантот на курдските пешмерга сили задолжен за Синџар, Шамо Еадо, изјави дека неговите борци откриле 30 до 40 тунели и дека тоа била вистинска мрежа од тунели во рамки на градот.
-Припадниците на ИД ги ископале овие премини за да се сокријат при воздушните напади, а притоа да можат слободно да се движат под земја, како и да го сокријат оружјето и експлозивите. Ова било нивното складиште за оружје, рече Еадо.
Два тунела биле долги дури неколку стотици метри, а почнувале и завршувале во некоја од куќите во кои се направени дупки во ѕидовите и подовите.
Овие куќи сега се напуштени и разурнати, по едногодишните интензивни борби во Синџар.
Тунелите се тесни и високи токму толку за едно возрасно лице со просечна височина да може да стои исправено. Еден дел од тунелот потсетува на бункер, а во него се пронајдени копии од Куранот, ќебиња и перници.
На снимките може да се забележи дека во другиот дел од тунелот се наоѓале залихи со муниција, вклучувајќи и чаури од американско производство и опрема за правење бомби.