-Причината поради која што сме денеска тука е потврда на сите активности кои учениците од ова училиште, колективот, раководството на ова училиште ги реализираа во минатиот период, а кои се однесуваат на развој, на креативноста, на менаџментот и развојот на основните работни вештини кај учениците на едно повисоко ниво, кое што ги надминува македонските граници, изјави при посетата заменик-минситерот за образование Спиро Ристовски.
Тој додаде дека ова е едно од училиштата кое досега има најголем број проекти добиени преку Националната агенција за мобилност и очекува и во иднина да продолжат со активностите со зголемен интензитет.
– Убеден сум дека независно од специфичноста на реализацијата на наставата на ова училиште, заради типот на посебната потреба која ја имаат учениците, јас со оваа амбициозност со која што се уверив и со волјата и енергијата која што постои кај учениците и кај колективот верувам дека во идниот период ќе продолжат сите овие активности со идентичен и нормално зголемен интензитет, а МОН и Националната агенција за мобилност се тука да ги поддржуваат сите овие креативни активности што пред се ги зголемуваат и ги интензивираат работните вештини кај учениците, рече Ристовски.
Проектите што ги има искористено ова училиште преку европските фондови се во вредност над 60 илјади евра.
Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитровски истакна дека училиштето се јавува како апликант од 2012 година, а во 2013 и 2014 година е веќе добитник на неколку грантови за мобилност на ученици и наставен кадар со кои всушност веќе има дел од проектите реализирано, односно остварени се веќе неколку посети и обуки.
Проектите, како што појасни, се реализирани во Словенија една фаза, а другата фаза ќе следи исто така во Словенија и подоцна ќе имаат уште една фаза во Прага во Чешка каде што ќе работат на неколку сегменти од образованието кое што го нудат во училиштето.
– Станува збор за обезбедување професионален и стручен развој на своите ученици и наставници во едната фаза, а во втората фаза во Република Чашка ќе дадат осврт на претприемаштвото, како и на развивање бизнис планови што дополнително е значајно имајќи ги предвид националните определби на РМ да се зголеми вработливоста на младите луѓе, особено да се зголеми вработливоста на луѓето коишто излегуваат од стручното образование и обука, истакна Димитровски.
Според него, важно е што ова училиште на овој начин ја зголеми својата интернационализација, односно се постави на картата на училишта коишто учествуваат во европски проекти и исто така е особено важно што веќе училиште од Словенија ја возврати посетата со цел да видат како се работи тука и да преземат искуства што може да ги понуди ова училиште како веќе искусно во европските проекти.
Димитровски потенцира дека голема е мотивацијата и кај учениците и кај стручниот кадар и оти очекува и понатаму да имаат одлична соработка во програмата „Еразмус+“.
Директорот на Државниот училишен центар „Партенија Зографски“ Блаже Митев увери дека и понатаму ќе продолжи да работи мотивирано на нови проекти.
– Таа мотивација ни ја даваат најмногу учениците и тимот што е посветен на работата бидејќи знаеме дека после секое излегување и меѓународно претставување тоа се рефлектира кај нас за поголем ангажман на учениците и навистина имаме прекрасни ученици што може да се носат рамо до рамо со учениците од европските држави, рече Митев.
Во училиштето во моментов настава следат 40-тина ученици од цела Македонија. Станува збор за четиригодишно средно образование кое им дава можност на учениците да продолжат со образованието на факултет. Има две насоки машинска и текстилна. За учениците од внатрешноста на земјата, во рамки на центарот има ученички дом, кој во еден блок е реновиран со средства од 4,5 милиони денари од МОН минатата година.