Студентите од ФИНКИ и од ДИФ засадија 150 дрвца

Студентите од факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичка култура (ДИФ) се презадоволни што конечно ќе добијат одлични услови за следење на настава, едните лаборатории и компјутерски центри, а другите современи спортски сали и опрема.

Мал број на студенти денес излезе да изрази револт од градбата на новите факултети, како и револт за исечените околу 40 дрвца. Студентите од ФИНКИ и ДИФ во кампусот на УКИМ денес засадија 150 садници со цел да докажат дека тие не излегоа на никаков контра-протест, туку покажаа дека се грижат за здравата околина, но сакаат и нови факултети.

Голема поддршка за овие студенти дадоа нивните декани, кои први ги засадија дрвцата.

dekani-finki-dif

-Уште денес организиравме садење на дрва. Овде се дел од професорите и студенти кои едногласно одлучија да дојдат со желба да си ги подобрат условите. 65 година факултетот опстојува во енормно лоши услови. Ние на многу наврати сме се бореле да го добиеме она што треба да го добиеме. Се бориме да бидеме еднакви со сите бидејќи ние припаѓаме на овој универзитет. Универзитетот ни помогна факултетот да ги постигне овие резултати. Ние школуваме кадри за потребите на образованието, спортот, здравјето. Нашите кадри се гордост за Република Македонија. Ние се гордееме со нашите студенти, тие и носат добробит на Македонија, истакна деканот Вујица Живковиќ.

Иван Чорбев, деканот на ФИНКИ исто така посади дрва во кампусот каде неговите студенти конечно ќе добијат соодветни услови за учење и работа.

-Потребите за зграда за студиите по информатика не се од скоро. Станува збор за 2000-3000 студенти кои се двигател на растот на УКИМ. Бројот на студенти кои се запишуваат на ФИНКИ расте секоја година. Кај нас постојано доаѓаат странски инвеститори кои отвораат и планираат да отворат компании од информатичката индустрија и ги примаме во оние услови кои ги имаме и се трудиме да оставиме впечаток дека сме успешен факултет кој создава способни кадри. Тоа тешко ни успева кога функционираме во бараки, истакна тој.

fakulteti-drvca

Додека деканите на ФИНКИ и ДИФ садеа дрвца и даваа изјави, десетина претставници на Студентскиот пленум извикуваа недолични зборови, свиркаа и вршеа притисок врз своите колеги од овие факултети и тие да протестираат со нив.

Со ова уште еднаш покажаа дека исечените дрвца не им се проблем затоа што не ја ни поздравија акцијата во која нивните колеги од двата факултети засадија три пати повеќе дрвца од она што беше исечено пред неколку дена.

student-od-finki

За студентите од ФИНКИ, најважно е што ќе добијат услови какви што им се потребни.

-Ние студентите од ФИНКИ заслужуваме зграда, како што имаат нашите колеги од останатите факултети. Сега тие се обидуваат на некој начин да го сопрат правењето на нашата зграда. Ние мислиме дека заслужуваме простории, амфитеатри и лаборатории кои ги задоволуваат нашите потреби, истакна Александар Ѓорѓиевски од ФИНКИ.

Студентите, професорите и деканите од ФИНКИ и ДИФ денес излегоа со искрена намера и добар пристап, но беа дочекани од Пленумот кој секојдневно покажува какви цели има зад себе, а тоа сигурно не се подобри услови за своите колеги студенти кои не се од нивната групација, пишува „Курир“.