
– Денеска го продолжуваме есенското садење дрвја во општина Аеродром, во Паркот со авион, како дел од акцијата на Градот Скопје во која ќе бидат засадени 5.000 садници во дрворедите на булеварите, во парковите и во блоковското зеленило на општините. Екипи на Градот ќе засадат 100 садници од видот платан, кој се од сопствено производство на ЈП„Паркови и зеленило“ и со тоа ќе биде комплетно уреден овој парк, а во текот на наредните денови ќе садиме дрвја на други локации во општината. Се надеваме дека до крајот на годинава ќе успееме да ги засадите сите 5.000 садници, а во 2016 година планираме да засадуме уште 5.000 садници, односно 2.500 во пролетното и 2.500 во есенското садење. Градот Скопје во континуитет ги одржува јавните површини, подига нови зелени површини и уредуваме нови катчиња за одмор и рекреација во природа, со што ги подобруваме условите за живот на граѓаните на Скопје- истакна градоначлникот Трајановски.
Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, го изрази своето задоволство од одличната соработка со Градот Скопје и нагласи дека како плод на таа соработка во текот на 2015 година се засадени 1.600 садници на територијата на општина Аеродром.
Цел на оваа акција е да се подобри еколошката клима во општина Аеродром и во Градот Скопје и да се зголеми бројот на насадени дрвја.