Етичката комисија пресуди: 8 години суспензија за Блатер и Платини

Суспензијата стапува на сила веднаш, а Блатер и Платини нема да можат да се занимаваат со никакви активности кои имаат врска со фудбалот, без разлика дали станува збор за спортски или административни.

Најголемата причина за ваквата одлука е “нелојалната исплата” од два милиони долари колку што Блатер во 2011 година му ја дал на Платини за консултантски услуги во периодот од 1998 до 2002 година.

Ниту во својата писмена изјава, ниту во личното сослушување, Блатер не успеа да покаже основа за исплатата на тие пари. Неговиот аргумент во устниот одговор не беше доволно убедлив и е одбиен, се вели во образложението на Етичката комисија.

Суспензијата не е цела казна на двајцата високи функционери во фудбалот. Поради конфликт на интереси, тие прекршиле уште неколку членови од Кодексот за однесување, па Блатер ќе мора да плати 50, а Платини 80 илјади швајцарски франци.

Двајцата имаат право на жалба на Судот за арбитража во спортот во Лозана, но со ова пропаѓаат сите шанси на Платини да се кандидира за претседател на ФИФА, додека Блатер на 79 години ќе мора да ја прекине четиридецениската работа во фудбалот и тоа на срамен начин.