НБА: Новицки го помина Шек на вечната листа на стрелци

Кошаркарот на Далас постигна 22 поени во победата над Бруклин со 119:118 и сега има вкупно 28.609 поени, 13 повеќе од Шек.

До оваа бројка, Новицки стигна за 17 сезони во НБА лигата, а следниот пред него е Вилт Чембрлен со околу 2.810 поени повеќе и, со оглед на возраста на Новицки, тој тешко ќе биде надминат.

Ноќеска, Новицки погоди 7/13 од игра, а покрај тоа оствари и пет скока и три асистенции.

Мечот беше исклучително неизвесен, на Далас му требаше продолжение за да стигне до победата, но на крај успеа во тоа. Победничкиот кош го постигна токму Германецот на 20 секунди пред крајот по што Бруклин не успеа да врати во последниот напад.

Покрај Новицки, одличен натпревар одигра и Бареа кој реализира 32 поени и 11 асистенции, додека кај Бруклин, прв стрелец беше Јанг со 29 поени и доста солиден шут од поле – 14/20.

Дербито на вечерта се играше во Кливленд каде Кавалирс славеа против Њујорк со 91:84.

Леброн Џејмс повторно беше најдобар на теренот со 24 поени, девет скока и пет асистенции, но имаше извонреден ривал во летонскиот центар на Њујорк, Кристапс Порзингис. Дебитантот во НБА постигна 23 поени и 13 скока и целосно го надополни отсуството на Кармело Ентони кој не играше поради повреда.

НБА Резултати:

ЛА Лејкерс – Оклахома 85:120
Г.Стејт – Јута 103:85
Феникс – Денвер 96:104
Милвоки – Филаделфија 113:100
Минесота – Сан Антонио 83:108
Њу Орлеанс – Портланд 115:89
Орландо – Хјустон 104:101
Шарлот – Бостон 89:102
Индијана – Сакраменто 106:108
Кливленд – Њујорк 91:84
Вашингтон – Мемфис 100:91
Бруклин – Далас 118:119