Како ја оценувате годината што изминува, кога станува збор за ресорот образование во државата?
Во изминатите неколку години Владата на Република Македонија покажува сериозен пристап и прави силни напори за подигнување на квалитетот на образованието, како еден од најважните сегменти на македонското општество, како двигател на севкупниот државен просперитет, но и предуслов за развој на демократијата и социјалната правда. Така што, исклучително сум задоволен што и во 2015 година обезбедивме една константност и одржливост на реформските процеси и политики, притоа свесни, но и спремни дека можеби имплементацијата на некои од нив, независно што имаат европски предзнак или пак, некаде важат за позитивна пракса, ќе предизвикаат да загубиме дел од политичката поддршка. Но, тоа е резултат на нашата одлучност да делуваме долгорочно во интерес на граѓаните и да ги зголемуваме можностите за подобро образование, преку следење на позитивните образовни текови, трендови и процеси на глобалниот образовен простор.
Какви се` новини може да очекуваат средношколците, студентите, наставниците и професорите во следната календарска година?
Не би сакал ова интервју да добие политичка конотација, но морам да напоменам дека мојата матична политичка партија, на барање на опозицијата прифати предвремени парламентарни избори. Тоа значи дека на граѓаните ќе им биде понудена и нова програма, којашто се разбира, доколку повторно ја добиеме довербата од граѓаните ќе биде преточена во програма за работа на Владата. Таа програма, како и впрочем сите претходни, ќе биде изработена во директна комуникација со сите општествени групи. Практично, секој може да учествува со своја идеја, предлог или каква било сугестија за нешто да се воведе, промени, подобри во одреден ресор, вклучително и во образованието. Сите конструктивни предлози, за кои ќе се оцени дека се навистина неопходни, но и дека постои можност, простор и начин да се имплементираат, ќе се имплементираат. Но, независно од целиот овој политички процес, ние имаме обврска и грижа да обезбедиме еден континуитет на сето она што и досега било бенефит во сите образовни сегменти. Практично и понатаму, образованието до 18 годишна возраст ќе биде бесплатно, освен учениците отсега и студентите ќе имаат можност за бесплатен превоз, додека за учениците ќе обезбедиме бесплатна посета на кино проекции, театарски претстави, бесплатно возење со жичницата на Водно.
Ќе го заокружиме воведувањето на новите наставни програми на Кембриџ во основното образование, а паралелно како еден од приоритетите веќе започнавме и со процес на реформирање на четиригодишното средно стручно образование. Учениците мора да добијат нови наставни програми и стручни учебници. Ќе продолжи поддршката во делот на стипендирање ученици и студенти. Се разбира, интензивни ќе бидат и инфраструктурните инвестиции. На пример предвидена е изградба на најмалку шест нови училишни објекти и реконструкција на 15 други. Ќе започнеме со изградбата на нови 10 училишни спортски сали, а ќе ја довршиме започнатата изградба на други 10. Посебно ги издвојувам планираните инвестиции со кои значително ќе се унапредат условите за студирање и сместување на студентите. Имено, во тек е етапната реконструкција на најголемиот студентски дом во земјата “Гоце Делчев“, каде блокот Б е веќе целосно реконструиран, опремен и вселен, а во меѓувреме врз основа на изработено проектно решение за реконструкција на блок А, беше објавен тендер за избор на фирма изведувач и во тек е евалуација на пристигнатите понуди. Потоа ќе следи и реконструкција на блоковите В и Г, како и мензата и партерот. Исто така, отпочната е постапка за набавка на нови лифтови во сите студентски домови каде има лифтови и оваа работа ќе биде завршена во првата половина на 2016 година. Дополнително, Владата донесе одлука да започне и веќе е започната постапка за повеќегодишна набавка за замена на мебелот во сите студентски домови. Најважно, донесовме одлука за изградба на три целосно нови студентски домови. Два во Скопје, од кои за едниот, на место на поранешниот “Медицинар“ веќе има проект и наскоро ќе започне постапката за избор на фирма изведувач на работите. Вториот ќе се гради во близина на спортскиот центар “Борис Трајковски“ и третиот ќе се гради надвор од Скопје, практично за потребите на Државниот универзитет во Тетово. Ова значи дека во следните три-четири години македонските студенти, во најголем дел ќе добијат најсовремени услови за сместување со поддршка од државата.
Факултети.мк: Неодамна беше најавено основање на шести по ред државен универзитет во Македонија. Од каде потребата за уште една високообразовна институција?
Еден од нашите приоритети веќе подолг период е обезбедување на што е можно поголема достапност на високото образование. Затоа и отворивме два нови државни универзитети, 25 нови факултети, дисперзирани студии, драстично ја намаливме и унифициравме партиципацијата, воведовме проект за инклузија на повозрасните граѓани во високото образование, кои во минатото поради било какви причини не биле во можност да се запишат на факултет. Идејата е дека секој човек заслужува шанса за факултетска диплома. А до каде ќе стаса, зависи од него. Анализирајќи ги состојбите во високото образование, во соработка со академската фела, со наставно научната јавност, оценивме дека постои потреба, простор и можност за отворање на уште еден државен универзитет кој ќе биде профилиран исклучиво за продукција на кадри од техничките струки, односно кадар кој е дефицитарен и реалната потреба на пазарот на трудот постои, а е иницирана од ефективната државна политика за привлекување на странски директни инвестиции и отворањето на многу нови работни места. Тоа неминовно наметнува потреба за промовирање на стручното образование. Овој универзитет ќе даде свој значаен придонес во остварувањето на таа цел. Од друга страна, со оглед на тоа што ќе биде тријазичен, односно освен на македонски и албански, наставата ќе се изведува и на англиски јазик, македонскиот високо образовен систем ќе добие една сериозна интернационална димензија…
Целото интервју прочитајте го на следниот линк.