Во Велика Британија повторно силно невреме

Во Велика Британија повторно силно невреме
Во Велика Британија повторно силно невреме

Голем број домови во Северна Ирска, северозападна Англија и југот на Шкотска останаа без струја во текот на ноќта во нов налет на бурата „Френк“.

Овие делови на Велика Британија беа погодени од силни ветрови и обилни врнежи од дожд.

Британската метеоролошка и хидролошка служба веднаш издаде четири нови предупредувања за потенцијално катастрофални поплави во делови од Англија и Велс, во кои би можело да има и човечки жртви, покрај веќе постоечките 48 предупредувања за излевање на надојдените води од коритата на реките и речните канали.

Доцна синоќа надојдените води на реката Варф, кај местото Тедкастер, урна голем камен мост, прекинувајќи ги цевките за пренос на гас. Десетици луѓе беа итно евакуирани од ова место, поради стравување од можна екслозија на гасот.

Метеоролозите предупредуваат дека во реонот на Ирското Море се создаваат нови силни ветрови, проследени со пороен дожд, што во текот на денешниот ден ќе погодат делови од северозападна Англија, јужна и централна Шкотска, како и Велс.

Се очекува ветерот да достигне и до 130 километри на час, а врнежите од дожд на места да изнесуваат и до 100 милиметри.

Две недели, северозападниот дел од Англија, а посебно областите Камбрија, Ланкашир и Северен Јоркшир, се погодени од катастрофални поплави, што ги предизвикаа претходните долготрајни и обилни дождови од бурата „Френк“.