Технички назначениот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски со неспособни и нестручни кадри се обидува да ја разора полицијата и нејзиното функционирање, пишува порталот Денешен.
Наместо исклучителни професионалци кои целиот свој живот и кариера ги минале во Министерството за внатрешни работи и при тоа покажале извонредни резултати, Спасовски спротивно на законите врши унапредување на партиски кадри.
По смената на началници на Сектори за внатрешни работи, Спасовски поставува кадри кои не се стручни правејќи преседан досега невиден во МВР и постапувајќи спротивно на поставениот систем на кариера во Министерството, пишува порталот.
Како што дознава Денешен полицискиот службеник во полициската станица за граничен надзор Белановце, Стојанче Величковиќ, денес спротивно на законите е поставен за нов началник на СВР Куманово. Професионалните лица од МВР велат дека досега не е видено полициаец директно да биде поставен за началник на Сектор за внатрешни работи.
Од отсекот за недозволена трговија како самостоен инспектор си заминува Славко Јовановски. Според решението од Спасовски тој од денес седнува во фотелјата на СВР Битола, како началник на Секторот.
Лазе Велковски е назначен за началник на СВР Скопје, додека прв човек на СВР Велес ќе биде Златко Јаневски кој досега ја извршувал функцијата главен инспектор во УБК Велес.
Од позицијата самостоен инспектор во отсекот за недозволена трговија во началничката фотелја во СВР Охрид се сели Сашо Смилески.
Дел од медиумите денес излегоа со информации за скандалозните унапредувања на Спасовски. Техничкиот министер без интерес оглас и никакви законски постапки за четири позиции го унапредил сопругот на неговата колешка Фросина Ременски.
Освен подарокот за неговата колешка, Спасовски спротивно на закон, нетранспарентно и без никаков оглас унапредил уште 10 партиски послушници.