
Поради зголемениот увоз од Србија и нарушувањето на пазарот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава, преку Програмата за директни плаќања, планира да обезбеди дополнителна поддршка во свињарството.
Како што вели ресорниот министер Михаил Цветков, дополнителните субвенции се предлагаат за да се зачува секторот.
– Во периодот од октомври до мај, кога ќе има пад на побарувачката на свинско месо, ќе обезбедиме дополнителни субвенции. Ако грлото е тешко над 120 килограми, одгледувачот ќе добие плус 1.000 денари. Поддршка ќе се дава и за чувањето на месото во ладилници, односно за тоа, државата ќе ги плаќа трошоците, објаснува министерот.
За нарушувањето на пазарот Цветков веќе имал средба со амбасадорката на Србија, а ова прашање планира да го предочи на претстојниот ЦЕФТА состанок.