
Според бројките од Министерството за внатрешни работи за време на новогодишната ноќ во Франција биле опожарени 804 автомобили, што претставува 14,5 проценти помалку во споредба со минатата година, кога беа опожарени 940 автомобили. Спектакуларно намалување на бројот на опожарените автомобили во текот на новогодишната ноќ е резултат кна зголемената мобилизација на силите на редот по терористичките напади во ноември и во јануари мината година, јави дописникот на МИА од Париз.
Овие бројки се должат на силната мобилизација на силите на редот. Имено над 100.000 припадници на полицијата и жандармеријата се грижеа за безбедноста, а само во парискиот регион имаше 11.000 односно, 2.000 полицајци повеќе од лани.
Во Франција за новогодишната ноќ во предградијата се палат возила, „традиција“ која најпрво беше практикувана во Стразбур и која последните години се прошири низ цела Франција.