Пет операции со автотрансплантација се изведени во изминатите две децении на Клиника Жан Митрев. Оваа интервенција е револуционерен оперативен зафат во современиот медицински третман на кардиолошките пациенти. При оваа операција се прави реконструкција на срцето на пациентот надвор од градниот кош за што се смета за исклучително специфична и комплицирана за изведување.
„Бев тешко болна, ме упатија кај д-р Жан Митрев, ме оперираше и по само неколку дена се почувствував многу подобро. Откако ме оперираше д-р Митрев поминаа пет и пол години и денес се чувствувам многу добро, работам во бавчата што можам и немам никакви проблеми. Благодарна сум што ми го врати животот“, вели Вера Балоска една од пациентите со автотрансплантација, оперирана во 2017 година.
Автотрансплантација на срце, како процедура ги има истите фази како и трансплантација на срце од донор, само со тоа што при автотрансплантација не се врши замена на оштетениот орган со друг, туку се реконструира срцето на пациентот на кого му се прави интервенцијата. Пациентите кај кои се прави автотрансплантација вообичаено имаат енормно зголемена лева преткомора на срцето што оневозможува правење на операцијата на лице место. Затоа срцето мора да биде извадено од градниот кош. Се прави обезбедување со вонтелесен крвоток, по што следи неопходната хируршка корекција за намалување на левата преткомора (митралната валвула) на срцето на пациентот. Доколку тоa не е можно, се прави замена на истата со вештачка протеза. Потоа реконструираното срце се враќа назад во градниот кош и се поврзува со крвните садови како и при трансплантација.
Искуството на д-р Митрев во изведување на трансплантации и автотрансплантации на срце датира од пред повеќе од 26 години кога ја има направено првата трансплантација во Германија.