Над милион евра владина поддршка за младите земјоделци

Над милион евра владина поддршка за младите земјоделци
Над милион евра владина поддршка за младите земјоделци

Со повеќе од 1 милион евра, Владата и ова година ќе финансира отпочнување на земјоделски бизниси на повеќе од 100 млади земјоделци, кои ќе имаат можност својата бизнис идеја да ја реализираат со финансиски средства обезбедени од Владата.

Станува збор за финансиска поддршка која беше воведена за прв пат во 2012 година и за која  интересот на младите земјоделци од година во година постојано се зголемува. Од Владата информираат дека зголемениот интерес за ова финансиска поддршка е доволна причина со истата да се продолжи и оваа година.

Минатата година преку ова мерка беа одобрени деловните планови на 134 млади лица од сите региони во државата, со вредност на финансиската поддршка во висина од над 1,2 милиони евра, средства дирекно наменети за предвидените инвестициони активности за отпочнување на земјоделската дејност од страна на лицата за кои е и наменета ова мерка.

-Јавниот повик ќе биде распишан во текот на овој месец од страна на платежната агенција во земјоделието. Значи постои еден добар период во кој лицата коишто ги исполнуваат условите се на возраст од 18 до 40 години и имаат идеја за отпочнување на бизнис во земјоделието да можат да почнат да ги подготвуваат деловните планови во кои ќе ги наведат инвестиционите потреби коишто имаат намера или посакуваат да им ги финансира државата и потоа тие деловни планови да ги поднесат до платежната агенција, која ќе ги оценува во соодветна процедура. Оние што ќе ги исполнат условите и ќе бидат најдобро оценети ќе бидат финансирани со средства од Владата на Република Македонија. Минатогодишниот јавен повик којшто со над 1,2 милиони евра беа поддржани над 130 земјоделци се доволна гаранција за успешноста на оваа политика и мотив повеќе за земјоделците коишто ги немаат искористено овие можности да се охрабрат да аплицираат на овој нов јавен повик којшто ќе биде објавен и на тој начин да овозможат самовработување за себе но и вработување на други лица во секторот земјоделие, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Финансиската поддршка која се доделува преку ова мерка е во висина до 600 илјади денари неповратни финансиски средства за млад земјоделец кој согласно тригодишен деловен план ги дефинира инвестиционите активности според кој се дефинира и финансиската поддршка од програмата за рурален развој. Ова финансиска поддршка е одлична можност за многу млади лица да отпочнат сопствен бизнис во земјоделството и со воведување на нови методи и техники на работа да создадат профитабилно земјоделско стопанство.

За 2016 година се предвидени над 1 милион евра, и во текот на овој месец за оваа финансиска поддршка ќе биде објавен и јавниот повик од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој на кој ќе може да аплицираат заинтересираните лица. И оваа година се очекува преку ова поддршка да бидат отворени повеќе од 100 бизниси во агро секторот.

Право за аплицирање на ова финансиска поддршка имаат сите лица  кои се на возраст од 18 до 40 години и кои имаат одредена бизнис идеја за отпочнување на сопствен бизнис во земјоделството, преку превземање на земјоделското стопанство или со воспоставување на ново земјоделско стопанство, со искористување на финансиската поддршка до 600 илјади денари. Финансиската поддршка, согласно доставениот и одобрен деловен план, се исплаќа по реализираните инвестиции во период од една, две или три години.