
Пекинг годинава ќе затвори 2.500 мали компании, кои се сериозна закана за животната средина, во обид да се избори со загадувањето.
Загадувањето е чувствителна тема во Кина, каде годишно се организираат илјадници протести заради стравувања од влошување на живорната средина, особено од фабриките.
Од четири реони во престолнината, кои и зимава беа зафатени со задушувачки смог, ќе биде побарано до крајот на годината да затворат 2.500 компании. Планирано е следната година да продолжи затворањето на фирмите загадувачи.
Според неименуван извор, растечкиот број мали извори на загадување, како што се рестораните, хотелите и гаражите, го неутрализираат ефектот од драстичниот пад на загаденоста од големите загадувачи и нагласено еколошки свесните компании во градот.
Минатиот месец Пекинг го прогласи вториот во својата историја „црвен код“ за загадување на воздухот, затвори училишта и забрани градење на отворено.
Министерството за животна средина денеска предупреди дека следната недела во Пекинг, во провинцијата Хубеј и соседната Тјенцин, повторно ќе има густ смог.