Изложбата „Феникс од пепелта“ претставува почеток на соработката помеѓу градовите Скопје и Варшава …
Музејот на град Скопје во соработка со Амбасадата на Република Полска во Република Македонија ја подготвува изложбата „Феникс од пепелта. Уништувањето и обновувањето на Варшава 1939-1955“. Изложбата, која е дел од архивата на Бирото за обнова на градот Варшава и од 2011 година е вброена во престижната меѓународна листа „Меморија на светот“, ќе биде достапна за публиката во главниот град од 15 јануари 2015 година.
„Обновата и развојот на градовите по големи разурнувања, како во случајот на Варшава и Скопје, претставуваат значаен општествен предизвик, однос на нацијата кон минатото и визија за иднината. Оваа значајна изложба, која ја реализираме во соработка со Полската амбасада и со поддршка на градот Скопје и градоначалникот, ние во музејот ја гледаме како почеток на долгорочната соработка на двете престолнини и нивните културни институции.“ – изјави директорот на градскиот музеј д-р Љубен Тевдовски.
По повод отворањето на изложбата во Музејот на градот Скопје најавена е и посета на културна делегација од Полска, предводена од Пиотр Јакубовски, директорот на Домот на средби со историјата на Варшава и госпоѓа Магожата Наимска, заменик-директор на Бирото за култура на градот Варшава.
Музејот на град Скопје и градоначалникот Трајановски во текот на неделата имаат предвидено програма за гостите од Полска, во рамките на која е предвидено заедничко планирање на идните културни размени.
Полските водечки архитекти кои учествувале во пост-воената обнова на Варшава, како Циборовски, Јанковски, Клижевски, Мокжински и Виежбицки биле предводници и на плановите на Обединетите Нации за обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година и учествувале во проектирањето на културните институции во македонската престолнина.