Снежен ураган го погоди источниот дел на Канада

Снежен ураган во неделата ја погоди централна и источна Канада и го закочи воздушниот сообраќај и патниот сообраќај од провинција Онтарио до атлантското крајбрежје, пренесе „Франс Прес “. Снежните врнежи што започнаа во саботата вечерта крај Торонто и Отава и силните ветрови го зафатија Квебек и провинциите во Атлантскиот брег се до Њуфаундленд.

Канадската служба за животната средина во неделата објави дека снежната покривка на одредени места достигнала и до 35 сантиметри. Стотици жители на Квебек останаа без струја. Во повеќето источни провинции се очекува врнежите од снег да престанат денес, велат синоптичарите. Воздушниот сообраќај во регионот беше сериозно нарушен и стотици летови беа откажани, соопштија аеродромските власти во Торонто, Отава, Монтреал и Халифакс.

Дел од патиштата се затворени поради голомразица. Полицијата соопшти за верижни сообраќајни несреќи и настрадани лица. Спасувачките служби во Квебек информираа за засилена активност на екипите на патот за Монтреал, каде што автомобилите се движат во тешки услови.