
Новата книга „Држава-како се гради и брани“ од проф.д-р Стефан Влахов Мицов во издание на Матица македонска од Скопје е критички и аналитички осврт на македонското минато и на денешните проблеми на Македонија.
Трудот дава одговор на многу неразјаснети прашања: Зошто македонскиот идентитет е потраен од македонската државност? Зошто во историјата македонците често се конфронтирале меѓу себе? Зошто во XIX век почнува да гасне моќниот македонски протонационализам од претходните векови? Говори и за партијноста која ја нагризува државата, а посебно внимание побудуваат неговите ставови и размислувања за македонското име, за односите со соседите, за еквидистанцата на Киро Глигоров, за Стојан Андов, идејниот творец на Законот за лустрација, за политички неопитните премиери Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, за трансформацијата и митарењето на одредени мислечки имиња во Македонија…
Посебен акцент е ставен на различните идеи на ВМРО во македонското револуционерно движење и на КПМ по Втората светска војна. Авторот пишува за поразот на македонската државност во периодот од 1991 до 2004 година и за улогата на соседите во разнебитувањето на Македонија.
Побудува интерес концептот на Влахов Мицов за иднината на Македонската држава – за потребните законски дејствија и за односите со Големите сили.