Димоски и’ одговори на Мехмети: Токмакот ниту ви ја врши работата, ниту им помага на луѓето

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски повторно се огласи на социјалната мрежа „Фејсбук“ откако пратеничката на ДУИ која вчера порача дека „за токмак е потребно нешто друго“.

„Почитувана колешке Мехмети, вистина не знам што човек треба да има за да земе токмак во рака, а и не се занимавам со такви работи. Но знам што сигурно нема. Токмакот ниту Ви ја врши работат, ниту им помага на луѓето. Кога ме прозивате за Законот за медиуми, да Ви заблагодарам за поддршката од Вашата пратеничка група“,напиша Димовски во неговиот денешен пост на социјалната мрежа одговарајќи и на Мехмети.

Таа претходно напиша одговор на првиот пост на Димовски во однос на протестите на булеварот Никола Карев против исклучувањата на дел од граѓаните кои не ги подмириле своите долгови за електрична енергија.

„Би било добро колегата Илија Димовски да прифати дека Законот за медиуми кој го гласаше вчера му овозможува преку неговиот Центар за комуникации да им дели политички лекции на медиумите, но не мене. А за токмак потребно е да имате нешто друго“, напиша Мехмети.

Ваквата реакција од пратеничката на ДУИ дојде откако Илија Димовски и’ порача да земе токмак и да оди да протестира на Пластичарска.

„Би било добро колешката Ермира Мехмети да се приклучи на блокадите кај Пластичарската улица, да земе токмак и да помогне при рушењето на трансформаторите на ЕВН..или бар да им ги плати сметките на луѓето и да им ги реши егзистенцијалните проблеми“, напиша Димовски во статусот со кој ја започна дебатата.