
Руската тенисерка Марија Шарапова неочекувано е елиминирана во осминафиналето на првиот грен слем турнир годинава Австралија опен. Русинката е поразена од Доминика Цибулкова со 3:6, 6:4, 6:1.
“Не го играв најдобриот тенис на последните два натпревари, но го најдов патот до победата“, изјави пресреќната Цибулкова.
Ова беше прв натпревар меѓу овие две тенисерки на тврда подлога, а Цибуклова претходно ја победи Шарапова во 2009 година на Ролан Гарос.
Место во четвртфиналето обезбедија Димитров, кој славеше над Батиста со 6:3, 3:6, 6:2, 6:4, додека Вавринка беше подобар од Томи Робредо со 6:3, 7:6, 7:6. Кај дамите меѓу осумте најдобри се пласираа Халеп, која ја елиминира Јанковиќ со 6:4, 2:6, 6:0, додека Азаренка беше подобра од Стивенс со 6:3, 6:2.