
Предлог одлуката за избор на претседaтел, заменик претседател и членови на Комисијата за верификација на фактите денеска ќе се најде пред пратениците на 82-та седница на Собранието.
На дневен ред на оваа седница, меѓу другото, се и Предлог законот за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница „Клечовце – Блок станица 5“, како и измените и дополнувањата на законите за данокот на добивка, за персоналниот данок на доход, за филмската дејност и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за медиуми, на Изборниот законик и на Кривичниот законик, сите по скратена постапка.
За дел од законските решенија за кои ќе се дебатира на денешните седници на Парламентот, претходно ќе заседаваат собраниската Комисија за финансирање и буџет и Законодавно правната комисија.
Оваа седница се очекува да почне по завршетокот на 80-та седница на која единствена точка на дневен ред е Предлог законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт.