Груевски: Обвинувањата на Жерновски за „Око“ се само шпекулации

Премиерот Никола Груевски денеса истакна дека сите обвинувања поврзани со мостот „Око“ и споменикот на Цар Душан ги оцени само како шпекулации.

Запрашан да даде коментар за информацијата на градоначалникот на Општина Центар дека министерката за култура Елизабета Канческа Милевска ги потпишала договорите за спомениците на мостот „Око“, меѓу кои и споменикот на Цар Душан, премиерот Никола Груевски истакна дека тоа се само шпекулации.

„Шпекулации се во прашање. Се работи за целосно легален процес, согласно законот, кој веќе го објасни министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески“, одговори Груевски на денешната промоција на лабораторија на Градежниот факултет.

Според објаснувањата на министерот Јанакиески, Општината Центар издалa одобрение за градење на 16 јуни 2010 година и дополнување на 11 септември 2012 година за изградба на градба од втора категорија-пешачка патека-мост. Согласно ДУП е предвидена изградба на пешачка патека-мост. Од увидот во доставената проектна документација се утврди дека со неа е предвидена изградба на мост над реката Вардар чиј составен дел се 32 постаменти со декоративни елементи како составен дел на архитектурата на мостот.

Тој појаснува дека тука не се работи за изградба на спомен-обележја дефинирани со Законот за меморијални споменици и спомен обележја, од причина што предмет на изградба не е спомен обележје како посебна градба, туку инфраструктурна градба-мост во чија архитектура се предвидени фигури-како декоративни елементи.