
За околу две недели ќе се одиграат првите натпревари од 1/8 финалната рунда во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, а големо внимание ќе привлече дуелот помеѓу актуелниот бранител на тронот Баерн (М) и лондонскиот премиерлигаш Арсенал.
Брзоногиот напаѓач на баварскиот гигант, Томас Милер имаше само пофални зборови за играта на Арсенал и додаде дека Баерн (М) го има добиено најтешкиот можен противник во 1/8 финалната рунда.
„Арсенал игра многу убав фудбал, а ние го добивме најтешкиот можен противник во Лигата на шампиони. Мислам дека нема некоја голема разлика помеѓу овие два тима. Баерн (М) е лидер во германската Бундес лига, а Арсенал е лидер во англиската Премиер лига. Точно дека во изминатите неколку години имаме поголем успех од Арсенал во домашниот шампионат и на европската сцена и поради таа причина Баерн (М) важи за фаворит во овој дуел. Го браниме тронот во ЛШ и ние сме тимот кој мора да се победи ако противникот има таква амбиција да слави во ова престижно натпреварување”, изјави Милер.