
Промени во политичкиот систем и во работата на институциите не само во Грција, туку и во Европа, а исто така и претседателот на земјата да се избира директно од народот, сакаат грчките граѓани, покажуваат резултатите од истражувањето на социолошката агенција „Метрон аналисис“, пренесуваат локалните медиуми.
Девет од десет испитаници сакаат не само претседателот на земјата да се избира директно од народот, туку да бидат зголемени и неговите овластувања. Ова мислење де факто води кон претседателска република, а уште дека 66 отсто од испитаниците се изјасниле и за промена на Уставот, пишува весникот „Етнос“.
Дури 86 отсто од Грците пак се за укинување на државното финансирање на партиите. Што се однесува до изборниот систем, голем дел од нив се подготвени да го прифатат простиот пропорционален систем, 82 отсто од анкетираните сакаат да биде укинат бонусот од 50 места во парламентот, кои изборниот закон и ги дава на партијата што ги освоила изборите.