
Заврши постапката за вселување на 91 семејство од социјално ранливите категории кои во 2012 година добија станови во зградата во штипската населба Сењак, јавува МИА.
Раководителот на регионалната подружница на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Томе Биновски изјави дека правната постапка е завршена, а Управниот суд ги одбил седумте жалби на кандидатите кои не добија станови во оваа зграда.
Дозвола за нивна поделба дала и Антикорупциската комисија, според која тајмингот за распишаните претседателски избори не се пречка за да добитниците ги добијат становите.
„ Поминати се сите правни процедури. Имаше можност за жалба до Управниот суд и до првостепената комисија. Имаше и второстепена постапка и на крајот Анткорупциската комисија даде зелено светло дека конечно можат да се вселат во становите. Значи поминаа сите фази и никој не може да ја оспори валидноста на решенијата,“ истакна Биновски.
Тој додаде дека договорите со семејствата кои се добитници на становите ќе почнат да се потпишуваат од следната недела. Становите за социјално ранливите категории во Штип електронски беа распределени кон крајот на ноември 2012-та година.