
Претседателот Ѓорге Иванов синоќа на Јахорина одржа средба со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Небојша Радмановиќ.
На средбата, претседателот Иванов изрази благодарност за севкупниот ангажман на властите во Босна и Херцеговина за достоинствено одбележување на 10-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и членовите на делегацијата, пренесува МИА.
Претседателот Иванов и членовите на Претседателството на БиХ разменија мислења и информации за билатералните односи и соработката, како и за актуелните политички и економски состојби во Република Македонија и Босна и Херцеговина. Двете држави имаат исклучително блиски и пријателски односи, негуваат традиционално пријателство со висок степен на взаемно разбирање и меѓусебна поддршка, а билатералната соработка има позитивна динамика, беше взаемно заклучено на средбата.
Во контекст на економската соработка, соговорниците констатираа заемен интерес за нејзино натамошно интензивирање, но и дека обемот воопшто не кореспондира со можностите и капацитетите на двете економии. Договорено е фокусот на вниманието во наредниот период да биде ставен на зголемување на обемот и содржината на економската соработка и трговската размена.
Претседателот Иванов подвлече дека забрзаната интеграција, наместо одржување на статус кво состојбата, е рецепт за европеизација и обезбедување трајна стабилност и просперитет на Балканот. Република Македонија е подготвена со Босна и Херцеговина, како и со сите останати земји од регионот на ЈИЕ да соработува, да споделува искуства и поддршка за исполнување на таквата цел, истакна македонскиот претседател.
Иванов денеска ќе ја предводи државната делегација на одбележувањето на 10-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и членовите на делегацијата во Ротимље.