
Ракометарите на Вардар претрпеа срамен пораз пред своите навивачи во 14 – то коло во Регионалната СЕХА Лига од Војводина со 25:23(11:10). Вардарци дозволија гостите да го диктираат темпото на натпреварот и да дозволи гостинот постојано да биде во водство.
Војводина во второто полувреме водеше и со четири голови предност 19:15. “Црвено – црните” успеаја да израмнат на 21:21, но гостите од Нови Сад подобро се снајдоа во финишот од натпреварот и заслужено ги освоија трите бода на гостувањето во Скопје.
„Би сакал да и’ честитам на Војводина. Тие играа многу добро, како во одбрана така и во напад. Ние имавме проблеми со десната бековска позиција, кои не можевме да ги решиме. Игравме постојано во стилот топло – ладно, неколкупати се враќавме и израмнувавме, но правевме премногу технички грешки и на крајот загубивме. Трите бода секако дека ни беа важни, но ние го победивме Татран, и се надевам дека ќе ги добиеме преостанатите 4 натпревари, и ќе се пласираме на завршниот турнир“, изјави тренерот на “црвено – црните”, Раул Гонзалез Гутиерез.
Најефикасен кај Вардар беше Тимур Дибиров со осум гола, а по три запишаа Карачиќ и Прибак. Во победничкиот тим Елезовиќ постигна шест гола, а Тодоровиќ и Станковиќ по пет.
По овој пораз Вардар остана со 28 бода на третата позиција, а Војводина на шестото место со 18 бодови.