
Иако беше најавен како саботен дерби натпревар од 24. коло во германската Бундес лига, дуелот помеѓу аспирантот за последното место кое води во Лигата на шампиони, Волфсбург и актуелниот шампион и лидер на првенствената табела, Баерн (М), заврши со убедлив триумф на баварскиот гигант од 6:1.
Вината за катастрофалниот пораз, домаќинот мора да ја побара во сопствените редови и во катастрофално очајната игра во вторите 45 минути.
Меѓу најзаслужните за освоените три бода се репрезентативците на Германија и Хрватска, Томас Милер и Марио Манџукиќ кои постигнаа по два погодока, а во листата на стрелци се запишаа и Хердан Шакири и Франк Рибери.
Убедлив триумф од 4:0, но над гостинскиот тим на Хофенхајм, остварија фудбалерите на Шалке, а без победник, 1:1, заврши дуелот помеѓу екипите на Хановер и Баер од Леверкузен.
Фудбалерите на Борусија од Дортмунд денеска имаат обврска да забележат позитивен резултат на незгодното гостување во Фрајбург, а репрезентативецот на Македонија и капитен на германскиот бундеслигаш Мајнц, Николче Новески денеска ќе биде последна пречка за напаѓачите на Херта од Берлин.
Резултати: Шалке – Хофенхајм 4:0, Борусија М. – Аугзбург 1:2, Штутгарт – Брауншвајг 2:2, Хановер – Леверкузен 1:1, Волфсбург – Баерн М. 1:6, Хамбургер – Ајнтрахт Ф. 1:1, Нирнберг – Вердер 0:2.