Повеќе родители тврдат дека бебето пронајдено на автомобил е нивно

Повеќе двојки вчера и денеска се јавиле на Детската клиника во Скопје и тврделе дека петмесечното девојче кое вчера беше пронајдено оставено на автомобил во Скопје е нивно.

Директорката на Клиниката, доктор Аспазија Софијанова вели дека иако повеќе родители тврдат дека бебето е нивно, сепак полицијата и истрагата која е во тек треба да ги утврди вистинските мајка и татко.

Засега пристап до бебето имаа само медицинскиот персонал и лицата вклучени во истрагата. Токму поради безбедносни причини петмесечното девојче се уште е на одделението за интензивна нега.

„Тоа повеќе не е за таму, би го префрлиле кај останатите доенчиња, но, не можеме да знаеме кој може таму да дојде до него кога некој веќе бил подготвен на таков монструзен чин“, вели доктор Софијанова.

Инаку, бебето во моментов е во одлична здравствена состојба.

„Девојчето е супер, во стабилна состојба. Во последните 24 часови нема промени во витални параметри и мене тоа ми е најважно“, вели директорката на Детската клиника.

Таа во овој момент вели дека не може да ги потврди информации дека бебето било дури и сексуално злоставувано и дека за таква потврда се чекаат резултатите од испитувањата на Клиниката за гинекологија.

Бебето беше пронајдено оставено на паркиран автомобил на улицата Никола Вапцаров пред старата зграда на Министерството за финансии.