Рачна бомба експлодираше во Косовска Митровица

Во северниот дел на Косовска Митровица е фрлена експлозивна направа, по што нема повредени, но е причинета материјална штета на зграда и еден патнички автомобил.

Регионалниот шеф на оперативата на Косовската полиција, Жељко Бојиќ, за српски „Танјуг“, изјавил дека експлозијата се случила утрово околу три часот на улицата Влада Четковиќ, кога непознати лица активирале рачна бомба.

„Утрово околу три часот е фрлена експлозивна направа, при што нема повредени лица, но е причинета материјална штета на најблиската зграда и паркираното возило“, рекол Бојиќ.

Тој додал дека истражните единици на полицијата се на лице место да извршат увид и според првичните сознанија станува збор за рачна бомба.

Експлозијата се случила пред зградата и патот кои што водат кон градската болница во Косовска Митровица, а утрово на местото можеле да се забележи скршено стакло.