
СДСМ преку претставка бара Државната изборна комисија да се провери точноста на податоците за повеќе од 20 илјади лица во Избирачкиот список во 22 општини, информираат од партијата.
„Нашето сомневање е дека дел од овие лица или се починати, или повеќе не живеат во Република Македонија или пак станува збор за лица кои не живеат на наведените адреси во ИС. Без да прејудицираме дали нашите сомнежи се основани или не, бараме во најкус можен рок, ДИК во соработка со останатите надлежни институции, МВР и УВМК да ја утврдат фактичката состојба за наведените лица и да постапат согласно нивните законски надлежности“, се вели во соопштението од СДСМ.
Партиите годинава за првпат имаат увид во Избирачкиот список и имаа рок од пет денови за да дадат забелешки.