
Летот на авионот со кој што уапсениот наркобос Дарко Шариќ вчера пристигна во Подгорица е избришан од меѓународниот јавен регистар на сите летови.
Не е познато ниту од каде полетал авионот на Шариќ, како и тоа колку долго време траел летот.
Шариќ вчера долета на аеродромот во Подгорица, каде на кратко се видел со своето семејство, а потоа со следниот лет дошол во Белград.
На опашката на авионот кој што слетал вчера утро околу 6,30 часот, имало швајцарско знаме и ознака ХБ-ЈКС, пишуваат црногорски „Вијести“.
Авионот „голфстрим 550“ е во сопственост на швајцарската компанија „Џет авиејшн“.
Според зборовите на адвокатот Бачевиќ, Шариќ на аеродромот го пречекале десет членови од семејството, меѓу кои и двете деца.
„Во просториите во близина на аеродромската писта Шариќ со роднините останал половина час, а исто толку време траеше и нашиот разговор“, рекол Бачевиќ.
На прашањето дали ќе се жали на решението за притвор и дали тој и клиентот ќе бидат подготвени за судењето кое што е закажано за 24-ти март, Бачевиќ рекол дека со својот клиент дополнително ќе се види.
„Тогаш не одлучиме дали ќе се жалиме. Очекува да ми каже дали е подготвен од понеделник пред судот да почне да ја изнесува својата одбрана или ќе бара одложување“, додал адвокатот на Шариќ.