
Во Њујорк денеска околу девет часот по локално време ќе почне средба посветена на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Специјалниот пратеник во разговорите за името, амбасадорот Метју Нимиц, заеднички ќе се сретне со македонскиот посредник, амбасадорот Зоран Јолевски, и грчкиот дипломат Адамантиос Василакис, пренесува МИА.
Средбата, која се очекува да трае неколку часа, ќе биде проследена со прес-конференција во седиштето на Обединетите нации.
Вчера во Њујорк веќе се одржа вообичаената одделна средба на Нимиц со Јолевски. Пратеникот Нимиц пред заедничките средби со Јолевски и Василакис вообичаено одржува одделни разговори со нив.
Ова е прва средба во форматот во Њујорк по крајот на октомври. На овие разговори Нимиц не го криеше разочарувањето од исходот, и изјави дека меѓу двете страни остануваат големи разлики по прашањето за името.
Тема на овие разговори беше „априлскиот предлог” на Нимиц, од чие предлагање помина скоро една година.