
Стигна пролетта, а со неа и повеќе сончеви денови. Како што се приближува летото, така и на балконите и другите отворени простори се повеќе се појавуваат и чадоритe. Дизајнерско студио од Холандија направи еден навистина посебен чадор.
Називот на чадорот е „Кумулус Парасол“. Истиот сам се отвора со првиот зрак на сонцето секое утро, за да направи сенка. Кога еднаш ќе го изнесете надвор, тој може да стои, да се отвора и затвора без интервенција на човек, се додека не се случи механички или електричен проблем.
Имено, во тој чадор вграден е еден вентилатор (сличен со вентилаторите кои се користат за разладување на компоненти или куќишта на компјутери), како и мала мрежа на соларни ќелии, кои го напојуваат.
Системот може да фукционира во потполност автоматски, но постои и копче со кое се пали вентилаторот, ако не постои желба чадорот постојано да се отвора и затвора, туку да го прави тоа по желба.
Иако не изгледа премногу аеродинамично дизајнерите тврдат дека може да го издржи налетот на ветрот. Поради силиконскиот слој на надворешната површина на ткаенината, овој паметен чадор е и водоотпорен.
Овој прототип неодамна е прикажан во Милано, на Миланската дизајнерска седмица.