Најновото истражување на Институтот Димитрија Чуповски, кое што ја мери поддршката на граѓаните кон кандидатите за претседател, политичките партии и политичките лидери во земјава, покажува дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ пораснал за дополнителни 1.7 отсто, а рејтингот на СДСМ е намален за 0.2 отсто.
При истражувањето, спроведено во периодот помеѓу 28 и 31 март, телефонски се анкетирани 1510 испитаници, во сите изборни единици.
На прашањето за која партија би гласале на предвремените парламентарни избори, 14,9 отсто од испитаниците се одлучиле за СДСМ, 27,8 отсто за ВМРО-ДПМНЕ, 4,4 отсто за ДПА, 7 отсто за ДУИ, 1,8 отсто за ГРОМ и 1,1 отсто за НДП. Како неопределени се изјасниле 23,8 отсто, а 17,5 отсто од испитаниците одговориле дека нема да гласаат за ниту една партија.
Никола Груевски е политичар кому граѓаните најмногу му веруваат, според анкетата, а Радмила Шеќеринска има најмала доверба меѓу граѓаните.
Најголем дел од испитаниците, 35,5 отсто, сметаат дека партијата ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори, додека за најголемата опозициска партија поситивно се изјасниле 13,8 отсто.
Во однос на претседателските избори, листата ја предводи Ѓорѓе Иванов, кој добил поддршка од 30,8 отсто од исптаниците. Втор е Стево Пендаровски со 16,1 отсто гласови „за“. Следуваат Илијаз Халими (7,4 отсто) и Зоран Поповски (2,2). Неопределени во овој случај се 36, 7 отсто од испитаниците во анкетата.